Бев со Тоше последните три години од неговиот живот. Вака својата исповед со тивок глас ја започнал Ицо Панајотовиќ, телохранител на несреќно настраданиот македонски пејач за српскиот магазин Пулс.
И после 11 години тој се уште е потресен. Не може да верува дека Тоше повеќе го нема. Секоја нивна средба ја памети до детали, а имале многу такви средби. Присуствувал на сите важни случувања во животот на Тоше. Бил негов човек од доверба. Многу работи од животот на македонскиот ангел кој повеќе го нема ги знае само тој.
– Пред неговиот последен настап десет дена пред трагедијата го замолив еден негов концерт да го ислушам заедно со публиката. Му реков: “Секогаш сум зад сцена. Секогаш сум тука некаде, а би сакал еднаш да те слушам и гледам додека пееш баш како и публиката. Не ми дозволи. Ми рече: “Чувстувам нешто лошо. Имам некоја трема. Те молам остани на страна, ќе ми значи тоа многу. Ни тогаш не можев да го следам неговиот концерт, се присетува Ицо и продолжува:
– Навистина бев секогаш покрај него. На сите битни случувања одевме јас и мојот колега. Некогаш бев со него, а некогаш со неговите родители. Ги сакаше многу. Толку беше приврзан за нив.
Ицо зборувал замислено како да му поминуваат слики низ главата додека се присетувал на моментите кои ги поминал со Тоше.
– Секогаш кога можеше одеше кај родителите во Крушево. Се случуваше веднаш после концерт да продолжиме таму. Толку ги сакаше и сакаше секое слободно време да го помине таму. Не можам да верувам дека повеќе го нема. Го немам тоа чувство. Постојано се присетувам на некои наши заеднички моменти, ми се чини како се уште да е со мене. Неговите родители ги возев на Евровизија. Тој отпатува со авион, а мене ме замоли да се погрижам за нив и безбедно да ги однесам со Истанбул. Многу пати го возев и него. Овој дечкото Ѓоле, кој го возел автомобилот кога дошло до несреќата, не беше со него со години, како што се зборува. Тој работеше за Тоше последните шест-седум месеци, вели Ицо за Пулс и продолжува:
– Беше голема ѕвезда, а тоа за жал многумина го сфатија дури после неговата смрт. Беше прекрасно момче. Мислам дека никогаш нема да запознаам похуман човек од него. Се сеќавам на тие автограми кои ги даваше и на оние луѓе кои доаѓаа во хотел само за да го гледаат. Често пати не можевме да го одбраниме. А Тоше единствено се плашеше од магии. Многу подароци му паѓаа на бина. Многу добиваше и после концертите или кога ќе го сретнеа на улица. Тука имаше и крвави шамивчиња, па се плашеше да не е некоја магија. Секое шамивче моравме ние да го земеме, а секогаш кога сакаше да се напие сок моравме пред него да го пробаме. Не зборувавме многу. Тоа беа само сигнали со очи со кои му укажувавме дали смее или не смее нешто да земе.
Ицо раскажува дека Тоше многу ги сакал луѓето и не правел разлика кој од која националност е или која вера.
– Му беше битно да е човек. И него го сакаа. Девојките го обожаваа. Една ќе си го искинеше увото за да ја извади обетката и да му ја даде. Таа обетка беше кај мене. Му ја дадов после концертот и се сеќавам дека рече дека ќе ја однесе дома. Невозможно е да се сетам на сите тие чудни моменти кои тој ги доживуваше. Во една прилика летавме со авион, кога му пријде една трудница според моја проценка беше во осми месец. Му побара да и се потпише на стомакот. Му беше непријатно. Не можеше да поверува што бара од него. Се насмеа, но сепак го направи тоа. Сакаше на луѓето да им го разубави денот, се сеќава Ицо на тие чудни моменти поминати со Тоше и со девојките кои буквално секаде го пресретнувале.
Според него Тоше бил магнет за девојки. Сами му приоѓале покрај маса и го прашувале дали може да бидат со него само една вечер.
– Бев присутен кога му бараа такво нешто, а тој беше прекрасен. Никогаш не сакаше да направи такво нешто и им велеше: “Не сакам никого да унесреќам. Не ти треба такво нешто. Утре јас ќе отидам и што потоа!? Не сум јас таков човек – кажува Ицо.
Тој раскажува дека со Тоше проживеал многу убави моменти. Бил многу забавен и сакал да биде обичен.
– Се случуваше скришум да излеземе од хотел и да одиме на мира да испиеме еден пијалак. Имаше посебен режим на исхрана. Често пати Љиља, неговата менаџерка, му велеше да внимава што јаде и да не му дозволува некои работи. А кого вие ќе послушавте Тоше или менаџерката? Одевме криејќи се некаде да купи плескавица со кајмак која ја обожуваше, а му беше забрането. Тоа се некои работи кои до ден-денес никој не смееше да ги знае и не ги знаеше, раскажува Ицо за неговиот голем пријател кој повеќе го нема.
За Тоше вели дека бил воспитан и дисциплиниран.
– Колку пати само дојде да праша дали може да оди до базен или дали може да оди да јаде. Многу ја сакаше менаџерката Љиљана. Јас преку неа и го запознав. А кога се спријателивме сакав да бидам со него секогаш кога може. Никогаш ни денар не земав за својата работа бидејќи знаев каков е Тоше и работев затоа што сакам – искрено раскажува Ицо на кој гласот му станува се потреперлив.
Тој се присетува и на денот кога Тоше загина. Вели дека го пречекал хеликоптерот во кој се наоѓало телото на Тоше бидејќи семејството не знаело за себе.
– Тие никогаш нема да се оправат од тоа. Мене ми е драго што сум со нив колку што е можно и многу ми значи што го ценат сето она што го направив за Тоше. Ме повикаа да примам и некои награди во негово име. Тоа за мене е голема работа, додава Ицо.
Пријателот на балканската легенда зборува и за љубовниот живот на Тоше. Потврдува дека бил со Андријана Будимир кога загина.
– Ги познавав сите негови девојки. Некои од нив доаѓаа со нас и на пат. Вистина е дека беше со Андријана кога загина, но постои само една девојка која беше негова вистинска љубов. Таа и ден-денес доаѓа на неговиот гроб. А Тоше ќе живее долго низ неговите песни. Низ она кое никој досега не го слушнал, а има песни за некаде уште два албума, завршува Ицо.