6.8 C
Skopje
Thursday, December 12, 2024

Жена со писмо до Заев кое никој не остава рамнодушен: Во сообраќајка ги загубив двете нозе –

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ: Почитуван премиер, Зоран Заев

Се осмелив да Ви пишам читајќи го постот на Вашиот ФБ од 23.04.2019 година, иако имав голема причина тоа да го направам и до сега. Цитирам: Ако сте функционери не сте над законот и народот.

Ви се обраќам со надеж дека ќе ја разберете мојата ситуација како специфична и ќе дадете се од себе да успеам во мојата намера повторно да застанам исправена и да можам да се грижам сама за себе.

Пред скоро три години во сообраќајна несрека во Турција, автобусот во кој бев патник удри во камион. Во таа несреќа јас ги изгубив двете нозе над колена, имав скршена рака,напукнато ребро, дупната плуќна марамица и неколку шиеници на главата. Првото нешто што ми падна на памет, од кога се разбудив после операцијата беше, се случи што се случи, животот мора да продолжи, има современи протези, ќе научам да одам.

Ампутацијата е сериозна физичка и психичка состојба, како за мене така и за моето семејство. Свесна сум за фактот дека сум лице со попреченост и дека тоа ќе бидам до крајот на животот, за ограничените можности дури и од кога ќе проодам со протези. Но знам дека нема да чекам некој друг да ми прави нешто што би можела сама,односно да се грижам за себе.

Од моето отпуштање на домашно лекување од ТОАРИЛУЦ каде што лежев три недели до ден денешен јас не добив соодветна здравствена заштита и грижа како пациент. Ова одговорно го тврдам и се однесува само за мојот случај за кое имам и докази.

Секако формата е присутна, но суштина нема. Пред да објаснам за што точно станува збор сакам да укажам на фактот дека иако системот, законите на Фондот за здравство не им овозможува во многу случаи на докторите да се однесуваат професионално и хумано, некои од нив му се спротивставуваат на тој систем и делуваат по своја професионална волја и во интерес на пациентот.

Тие доктори ја прикажуваат реалната фактичка состојба на пациентот и налагаат лекување соодветно на потребите на пациентот без при тоа да не мислат колку тоа чини. Од друга страна имаме доктори кои повеќе работат по правилникот и законите на Фондот за здравство немислејки воопшто за здравјето на пациентот туку само на тоа колку тоа чини.

Почитуван премиер, нема да навлегувам во деталите, иако тие детали кои се ужасни, всушнот ја создаваат целата слика на нашето општество, односно функционирањето на системот и институциите. По две години од моето неуспешно лекување, имав само 15 дневна обука со несоодветни протези, а не вистинска рехабилитација.

Сите знаат дека времето ми е најголемиот непријател, освен што вежбам, морам и доплнително да лежам на стомак со вреќи песок и тегови врз карлицата за да не ми се направи контрактура на колкот и да не ми се скратат мускулите. Ако ова не го правам, тоа ке значи дека нема да можам никогаш повеќе да одам со протези па и најсофистицирани да се.

Принудена сум сама еве скоро три години да плаќам физиотерапевт со кој вежбаме, затоа што државата ми дозволува само два пати годишно по 3 недели (15 дена) рехабилитација. По подолго истражување и консултација решив да ги соберам потребните документи за барање за конзилиарно мислење за лекува ње во странство.

Иако чекањето од две години беше на моја штета, сепак сакав да дадам доволен простор, како вели законот “Да се исцрпат сите можности во државата” за да имам законска основа за да го остварам тоа право.

На мое барање Заводот за физикална медицина и рехабилитација даде свое мислење, Меѓу другото напишаа, пациентката рехабилитирана во овој институт стационарно и во неколку наврати амбулантски. Во текот на рехабилитацијата е постигнато да се оформат чкунките за прием на протези.

Препишани надскелетни протези со пластично лежиште. Обучувана е да ги поставува и да ги користи протезите. На крај е констатирано дека пациентката не е во состојба во домашни услови да ги поставува, ниту да ги користи протезите, бидејќи тоа претставува исклучителен физички напор, посебна справа за вертикализација, постојано присуство на друго лице кое мора да е обучено во поставувањето на протезите. Пациентката се служи со инвалидска количка.

Со други зборови со протезите кои ми се дадени и со таа обука od 15 дена, ке треба двајца обучени( бидејки е невозможно јас сама ) да ми ги ставаат, да ми ги вадат протезите да ме стануваат, да ме седнуваат….. и се така до крајот на животот??? Што значи јас од старт бев осудена да гледам како во други држави лица како мене одат, а јас ке останам во инвалидска количка.

Центарот за ортотика и протетика Славеј АД Скопје исто така на мое инсистирање , даде едно општо мислење,

1.Сметаме дека можноста за оспособување на пациентот за независен живот би биле поголеми со користење на пософистицирани протези. Официјално ми рекоа дека тие се задолжени само да ги изработат, а за обуката е задолжен Заводот за физикална медицина и рехабилитација, и тоа го напишаа. На прашањето колку лица со дијагноза како мојата одат со овие протези, немаа одговор. Од како ги собрав потребните докименти го подадов Барањето за конзилиарно мислење. Конзилиумот составен од директор на клиника, директор на ортопедија и уште тројца, сите доктори специјалисти, доценти, го напишаа своето мислење во Предлог за упатување на болничко лекување во странство. Во кое се вели:

1. Неможност да се спроведе соодветно лекување( или некоја од фазите) на лекувањето во здравствените установи во Република Македонија поради немање на вештини знаење технички материјали и услови да се обави овој тип на оперативна интервенција, после која следи медицинска рехабилитација која исто така не се спроведува во Република Македонија.

2. Со издавање на овој предлог за упатување на лекување во странство, конзилиумот тврди дека се исцрпени сите можности за лекување во Републиката и гарантира дека се исполнети законските предуслови за упатување на осигуреникот на лекување во странство. Од предложеното лекување во странство се очекува да се постигне, Да се овозможи подобар квалитет на секојдневниот живот и независност во самозгрижувањето.

И покрај вакви непобитни документи од соодветни доктори, конзилиум и институции како и целокупна документација, ФЗОМ во прв и во втор степен го одби моето барање да ме упати на лекувањево странство, оссеоинтеграција и рехабилитација со соодветни протези.

Поднесов тужба до Управен суд, но судот го препишал второстепеното решение од ФЗОМ наведувајки дека операција која се бара да се изведе во странство може да се изведе овде. Уште пострашно од ова е фактот дека Управниот суд нивните тврдења ги смета за вистинити и на сметка на тие невистини ми ја одби тужбата, и констатираше дека не се исцрпени сите можности во државата.

Погубен е фактот и по две и пол години неуспех од нивна страна и тоа што јас им ги доставував како документи, доказ и мое сведочења, да решат да ме одбијат со образложение , дека таква операција се изведува кај нас, и дека не се исцрпени сите можности за лекување кај нас.

Ако знаеле и можеле, како што тврдат од ФЗОМ, зошто не навеле каде и зошто тоа не го направиле? Кој е тимот?Јас бев подготвена психички и физички јака, чекав да направат нешто, многу се надевав. Од нивното решение, флоскулата, не се исцрпени сите сретства, не исцрпеа, физички , психички и финансиски, само мене и моето семејство. Пекол ни го направија животот. Зошто????? Поради фактот дека сама сакам да се грижам за себе!

Почитуван премиер Зоран Заев , ова што ви го пишувам јавно не е ни една десетина од она што јас го доживеав како пациент и лице со попреченост, од институциите. Не сакам во детали да го опишувам нехуманиот однос на ФЗОМ но тоа е факт.

Сега се надевам сфаќате зошто напишав дека имаме форма, но не и суштина, и дека човечкиот живот и грижа за истиот треба да биде над законите. Иако по се, излегува дека мене не ме предвиделе во ниеден закон. Јас моето решение си го најдов во АОФЕ клиниката во Холандија, иако барав и комуницирав и со други клиники.Тимот на доктори кој работи и во Радбоуд и АОФЕ клиниката има извршено над 2000 операции.

Четврти пат ја презакажувам операцијата, не по моја вина. Барем да се ценеше приоритетит во мојот случај ке бев срекна По преорака на докторот, поради закажаната оерација не пиам лекови против болки веке една година. Имам чувство дека играат на карта издржливост.

Почитуван премиер, Зоран Заев Ве молам да не дозволувате и по три години да ме влечат како крпа по институциите и да експериментираат со мене, повеке од доволно време имаа за се.Оваа тортура кон мене и моето семејство е и премногу стресна, Ве молам да ме заштитите, дополнително да не ми се нарушува здравјето.

Во интерес на времето треба да се стори нешто одма, бидејќи тоа “одма” значи септември , октомври. По овие жештини веќе трето лето, нехумано, неетички, е да ме оставите да лежам со тегови врз мене. Да оствариме средба и да ви ги објаснам сите детали. Да најдеме решение, да тргнат работите во позитивна насока и јас конечно да заминам за Холандија во остварување на мојата борба за да можам сама да се грижам за себе.

ПОЧИТУВАН ПРЕМИЕР, НЕМОЈТЕ ДА ДОЗВОЛИТЕ РЕЗУЛТАТОТ ДА БИДЕ ДЕКА ЗА ОВАА ДРЖАВА НАЈДОБРО РЕШЕНИЕ ЌЕ БЕШЕ ДА НЕ ЈА ПРЕЖИВЕЕВ НЕСРЕЌАТА! Со почит, Скопје,11.06.2019год. Снежана Караџовска

ОТВОРЕНО ПИСМО ДО ПРЕМИЕРОТ ЗОРАН ЗАЕВ:Почитуван премиер, Зоран Заев Се осмелив да Ви пишам читајќи го постот на…

Posted by Snezana Karadzovska on Tuesday, June 11, 2019

поврзани објави

Последни објави