Поранешниот македонски кошаркарски селектор и актуелен тренер на кошаркарскиот клуб Гостивар, Марјан Србиноски,се наоѓа во болницата во Тетово откако заработил тешки телесни повреди во сообраќајна незгода која се случила на автопатот Гостивар – Тетово, пренесе спортскиот портал Спортмедиа.
„На 16.06.2019 година во 04.00 часот на автопатот Гостивар – Тетово, кај клучката Жеровјане, патничко возило „фолксваген пасат“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од М.С.(44) од Гостивар, излетало од патот и удрило во бандера за улично осветлување. Во незгодата со повреди се здобил возачот М.С. и со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Клиничката болница во Тетово, каде му била укажана лекарска помош. Увид на местото на настанот извршила екипа од СВР Тетово“, соопштија од МВР.
Според неофицијалните информации до кои што дојде basketball.mk, тренерот на Гостивар успешно ја поминал операцијата по сообраќајната несреќа и се наоѓа во стабилна состојба, со повреди на пршлен на рбетниот столб и неколку ребра.
Нема повредени нерви, што значи дека популарниот Марче многу брзо ќе им се врати на секојдневните активности, со оглед на тоа што неговиот спортски организам би требало да ги надмине овие проблеми.
Србиновски доживеа тешка сообраќајна несреќа на патот Скопје-Гостивар, неговото возило е уништено од едната страна, десната, додека левиот дел каде што се наоѓа возачот е скоро нечепнат. Тој патувал сам.