Ќе биде историска грешка, ако Северна Македонија и Албанија не ги започнат заедно преговорите за присоединување кон ЕУ. Ова го кажа вицепремиерот и министер за надворешни работи на соседна Република Бугарија Екатерина Захариева.
Според Захариева, добра вест е што е одложен датумот за преговорите за есента, што остава простор Албанија и Северна Македонија заедно да ги започнат преговорите за влез во ЕУ.
Дали може да го добијат двете држави, не можам да бидам сигурна. Добрата вест е што не се разделуваат двете земји, како што сакаа некои земји од Европската Унија. Одлуката е, не подоцна од октомври Советот да се врати кон разгледување на таа тема и да препорача почеток на преговорите, нагласи Захариева.
Таа истакна дека Бугарија ги поддржува и двете земји.
– Ние сметаме дека ќе биде историска грешка, ако не почнат преговорите со двете земји сега, потенцираше Захариева.
Министерката наведе дека позицијата на Бугарија со години е јасна, истакнувајќи дека Софија дава силна поддршка за проширување на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.