fbpx
1.8 C
Skopje

Каде е Љубљана, а каде Скопје во имплементацијата на еколошките стандарди?!

АКТУЕЛНО

Во самото име на некогашниот римски град Емона, а денес модерен – Љубљана, се крие еден мал збор, кој лежи во коренот на зборот љубов. И навистина, во тој град се зрачи со љубов.
Првиот чекор кој ќе ве одведе токму до зборот љубов, е таблата со натпис – „Welcome to Ljubljana“, односно „Добредојдовте во Љубљана“, а ако тоа не ви е доволно, кога ќе влезете во градот, во неговата суштина, ќе ја видите реката која симболично се вика Љубљаница (повторно љубов), но ако тоа не е доволно, погледнете надолу, погледнете го шеталиштето и ќе забележите мали квадрати на кои пишува „место за бакнежи“, и токму ова ќе бидат првите чекори кои ќе ве доведат до мисла дека сте во градот на љубовта.

Љубљанчани се урбани, културни и пред се, учитиви луѓе, кои ја ценат уметноста, културата и се она што е убаво, а бидејќи македонскиот и српскиот јазик имаат доста сличности со словенечкиот јазик, тогаш, дефинитивно комуникацијата нема да ви претставува проблем. Тие од вас ќе бараат само една работа, а тоа е да имате позитивна енергија и насмевка на лицето, а кога ќе ја имате, сите патишта ќе бидат отворени за вас. За Љубљана не ви е потребна карта, бидејќи тоа е еден мал град, во кој треба да се изгубите за да го запознаете.

Словенија меѓудругото е и рангирана како 20та најразвиена држава во однос на еколошката одржливост, но и првата држава во светот кој е признаена како „зелена дестинација“, а Љубљана пак, ја доби Европската награда за зелен град на Европа за 2016 година, победувајќи во конкуренкција со градовите Осло, Нумеа, Есен, Нијмеген, а жителите на градот можат да се пофалат со 542 м2 на урбано зеленило по жител и 80 хектари на ново-создадени зеленила со кои градот се проширува, додека Скопјани може да се „пофалат“ со само 12,7 квадарти по жител доколку се пресметува според последниот попис од 2002 година.

И додека во Љубљана, луѓето дишаат чист воздух, енормното загадување во Скопје секојдневно ги гуши Скопјани, но за жал, и полека ги убива. За разлика од ефикасните акции на Словенечката Влада, приоритетите на Македонската Влада се градежните инфраструктурни проекти, поради кои зелените површини во централното градско подрачје во Скопје во изминатите години драстично се намалени.

Покрај неодговорноста на надлежните, се поставува прашањето каде сме ние како луѓе, одговорни пред себе, и пред општеството во кое живееме и твориме. Колку ние како луѓе му се посветуваме на зеленилото, какви се еколошките навики на Македонците, но и колку се мобилизираме како граѓани кои сакаат да дишаат чист воздух и да го спречат уништувањето на зеленилото.

За таа цел, разговаравме со Македонката, Љупка Јовановска Милчевска, којa пет години живееше во Скопје, а денес живее и работи во Љубљана.

„Треба да се зборува за разликите на повисоко ниво. Но, да тргнеме од менувањето на свеста на граѓаните. Треба да се размислува и делува „зелено“. Не знам колку граѓаните на Македонија знаат, но Љубљана во 2016 година беше зелена европска метропола. Тоа значи дека напорното 10-годишно работење на подобрување во инфраструктурата и зачувување на природните извори на енергија и воопшто на целокупната природа како место на живеење, се остварија и Љубљана го доби епитетот на најчист град во Европа. 

Љупка вели дека се работи многу на управување со отпадот, зачувување на водата, управувањето со сообраќајот, а најмногу внимание се посветува на чистиот воздух.

„Преку општествена одговорност успешно управуваат со енергетските извори, преку бројка покажано, државата на 74 % од вкупната бројка на домаќинства им дистрибуира плин за домаќинство. До 2020 година имаат за цел намалување на општата употреба на енергијата и водата преку развивање на најсовремени технолошки решенија и опрема. 

За споменување е и зголемената употреба на Метанот како автомобилско гориво кое врши значително помала штетност на воздухот и околината. Пример за одговорност кон околината, даваат јавните институции и општините (градските собранија) во употребата на возила кои работат на Метан и поставувањето на метан централи кои работат 24/7.

Употребата на велосипеди, за мене, е најважната промена со која самиот граѓанин треба да започне. Кога живеев во Скопје, тоа ми беше оневозможено, бидејќи, од местото каде што живеев до местото каде што работев имав само 100 метри велосипедска патека, за останатите 2. 300 метри требаше да се снаоѓам дали по коловозот или по тротоар. И во двата примери ризикував, најпрвин од казна, потоа и од неосвесните возачи. Овде на улица може  да се сретнат и видат повеќе велосипедисти, отколку автомобили“, раскажува за „Поглед.мк“, Љупка Јовановска Милчевска.

Она што е можеби и најголемата разлика меѓу Љубљана и Скопје но и причина од која треба да се тргне кон подобрување на еколошката средина во Скопје е токму сообраќајот и свеста на самите граѓани но и ограничување на моторизираниот сообраќај и давање приоритет на велосипедистите и пешаците.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -