13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Во Сирија од почетокот на војната убиени се 814 медицински лица

Најмалку 814 медицински лица се убиени во Сирија од почетокот на војната во 2011 година, а минатата година зачестија нападите врз објектите за лекување од страна на сириските владини војници и нивните руски сојузници, покажува истражувањето објавено во британското медицинско списание „Лансет“ и цитирано од светските агенции.

„2016 е досега најопасната година за здравствените работници во Сирија, каде нападите врз нив и натаму траат”, пишува еден од авторите на истражувањето, д-р Самер Џабур оф Американскиот универзитет во Бејрут.

Истражувањето го изведоа група истражувачи, меѓу кои има и членови на Американско-сириското медицинско здружение. Тие посочуваат дека сириската Влада и нејзините руски сојузници систематски ги напаѓаат здравствените структури.

„Оваа стратегија е употребена во непотребно големи размери од страна на сириската Влада и нејзините сојузници“, пишуваат авторите.

Резултат на тоа се стотици убиени медицински лица и стотици други фрлени по затворите или мачени.

Нападите врз здравствените објекти се зголемија од 91 во 2012 година на 199 во 2016 година. Од нив 94 отсто се извршени од сириската Влада и нејзините сојузници, вклучувајќи ја Русија, се наведува во истражувањето.

Светската здравствена организација коментира дека војната во Сирија, во која досега загинаа над 320.000 лица, е најголемата криза од хуманитарна гледна точка, како и од гледна точка на бегалците, додаваат француските медиуми.

Авторите на истражувањето пишуваат дека Сирија е само врвот на ледениот брег.

поврзани објави

Последни објави