Премиерот на Република Македонија, Емил Димитриев на денешниот Самит на земјите од Западен Балкан што се одржа во Сараево рече дека регионот треба да се смета за висок стратешки партнер на Европската унија. Тој истакна дека е неопходна соработка, а не мешање во внатрешните работи и силно почитување на сувереноста и интегритетот на секоја држава.
Според премиерот Димитриев, само на таков начин регионот ќе оди напред и политички и економски.
На Самиот, како што јави известувачот на МИА, покрај Димитриев учествуваа и премиерите на Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово и на Србија, како и еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан и италијанскиот министер за надворешни работи Анѓелино Алфано.
„Сведоци сме на растечки тензии во светот, но и во регионот на Западен Балкан. Случувањата во нашите земји имаат директно влијание врз ЕУ и затоа регионот треба да се смета за висок стратешки приоритет на Унијата. Закочениот интеграциски процес стимулира настабилност во регионот, а интеграцијата во ЕУ се уште е најцврстата кохезивна сила“, рече Димитриев, посочувајќи дека Македонија и другите земји од регионот треба да се сметаат како партнери во справувањето со предизвиците со кои се соочува ЕУ.
„Свеж и актуелен е примерот со мигрантската криза преку која се докажа дека ние сме кредибилен партнер на ЕУ за надминување на предизвиците“, потенцира Димитриев.