ПОГЛЕД: До каде е дискусијата и што се случува со расчистување на грозоморниот скандал на Онкологија? Вашиот претседател Мицкоски најави дека свиркач доставил нови информации за друг скандал на Онкологија и истиот се анализира и ќе го презентира пред јавноста? Што конкретно ВМРО-ДПМНЕ ќе преземе за ваквите скандали кои ги објавува и дали според Вас ќе има одговорност за ваквите постапки?
-Политичката одговорност во случајот Онкологија е клучната алка, на која очекуваме “намерно” да заборави Обвинителството, бидејки досега докажано е извршител на власта. Па не можеме да веруваме дека ќе бидат непристрасни и ќе истражуваат кој зошто и како го организирал ова масовно убиство, кој имал корист, каде оделе парите… За нас нај значајно е да се врати довербата во онкологија најпрво за пациентите, но и да има одговорност за оние кои го правеле или сеуште го прават ова грозоморно богатење, бидејки еве најновите информации кажуваат дека сеуште се случуваат сомнителни набавки на истата клиника.
Политиката, т.е политичките партии од власта изминатите 7 години поставувале кадри кои директно со сторување или несторување учествувале во противзаконски набавки на скапи терапии со пари на граѓаните, а лековите на крај и не стигнувале кај пациентите! На анкетата комисија досега излегоа на виделина многу аномалии во системот, и само така ќе знаеме во наредниот период на што да се посветиме како идна Влада и што да промениме. Анкетната комисија треба да го прошири опфатот до денес, па да се извлечат заклучоци, но како и да е ние будно ќе следиме како постапуваат институциите за да не излезе дека за Обвинителството повторно “кабелот е крив” за се што се случува таму. Како опозиција секогаш сме ѓи објавувале материјалите доставени од свиркачи така ќе биде и сега, за жал немаме очекување во брзо време вистински да се расчисти случајот, и затоа веројатно од позиција на власт ние ќе го сториме тоа. Одговорност мора да има.
ПОГЛЕД: Дали сметате дека постои можност да има споени претседателски и парламентарни избори со оглед на тоа дека изјавите на претставниците на власта одат во контекст на тоа дека сепак истите ќе бидат раздовени?
– Јас сакам да верувам дека сепак ќе преовладее разумот и за доброто на државата ќе одиме на споени избори, очекувам веќе наредната недела да има нешто конкретно околу ова прашање, но како и да одлучат сигурна сум дека наредната Влада ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ, и Претседателот на државата ќе биде кандидатот на ВМРО-ДМПНЕ.
ПОГЛЕД: Кога сме кај изборите, се гледа ли Ели Панова како пратеник во идниот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ?
-Досегашната дадена доверба сум се обидувала да ја оправдам, со многу труд и посветеност. Кандидатите за пратеници мораат да ја добијат подршката од членството и органите на партијата а потоа и од граѓаните бидејки нив ги претставуваат во законодавниот дом. Функциите за мене од секогаш биле минливи и менливи, денес си утре не си функционер, битно е да останеме достојни и да не ги разочараме оние кои не гласаат.
ПОГЛЕД: Доколку Бугарија нема дополнителни барања, доколку се гарантира дека условот „бугари во Устав“ е единствениот за отпочнување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, како ќе постапите како пратенички состав? Сметате ли дека постои простор за гласање на „бугари во Устав“ во периодот кој што ни претстои ?
-Оваа тема е затворена за нас како политичка партија и пратеничка група, нема гласање уставни измени под бугарски диктат!
ПОГЛЕД: Чувствувате ли притисок, ви приоѓаат ли функционери од власта? Постојано се повторуваше дека се разговара поединечно со одредени пратеници од опозицијата кои би можеле да гласаат и да ја поддржат власта во овој процес? Има ли вистина во тоа?
-Ова се зборува веќе подолг период, но во суштина никој нема храброст да не убедува, бидејки секој од нас јасно го има кажано ставот кој е непроменет.
Подобро функционерите од власта нека си се посветат на пратениците од своите редови, барем таму да се усогласени, а нам нема потреба воопшто ни да не спомнуваат на оваа тема.
ПОГЛЕД: Студентскиот стандард е урнисан. На Груевски му текна на студентите пред и официјално да замине од политика, иако владееше 11 години. СДСМ ветуваше студентски град, реконструирани студентски домови, но од тоа засега нема ништо, иако и тие се веќе 7 години на власт. Зошто на политичарите им се приоритет студентите само кога ќе се во опозиција? Ќе ги промени ли нештата нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ по однос на ова прашање?
Младите се нашата иднина, мора да најдеме начин како да останат во Македонија. И ова не смее да биде само празна реторика на било која политичка партија пред избори. Не само студентите и универзитетите, нам образованието генерално ни е во колапс, затоа мора да се променат работите и конечно да им се испорачаат проекти на младите. Веќе се работи на програмата на партијата во која посебно внимание ќе посветиме на младите, а ние она што го ветуваме го реализираме, тоа е главната одлика на ВМРО -ДПМНЕ на што сум особено горда.
ПОГЛЕД: Дали сметате дека треба да се намали бројот на пратеници во македонскиот парламент и дали можеме да очекуваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се избори Македонија да стане една изборна единица, со што ќе се демократизира дополнително македонското политичко општество?
Овие прашања се отвараат секогаш пред избори а согласно сите препораки, изборен законик несмее да се отвори најмалку 6 месеци пред избори. СДС овие решенија ги ветуваа за да ги задржат малите партии, и за да не падне Владата, но во суштина од владеачките партии ДУИ немаше интерес да седне на маса и да го реши проблемот со изборните единици, бидејки една изборна единица ним не им оди во прилог. Во врска со ова прашање се докажа дека малите партии само про форма условуваат и зборуваат за една изборна единица се додека да влезат во Влада.
Ставот на ВМРО ДПМНЕ е кажан јавно повеќе пати, ќе подржиме една изборна единица и помал број на пратеници, но за да се реши ова треба сите политички чинители да имаат волја и седнат на преговори во собранието, што не го очекувам за овој краток период пред избори.