Преговорите меѓу рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот претседател Доналд Трамп завршија, соопштува РИА Новости. Лавров ја напушти Белата куќа. Средбата меѓу двајцата продолжи над два часа.
“Американскиот претседател Доналд Трамп го потврди интересот на Вашингтон за соработка со Руската Федерација“, ова го изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров по средбата со Трамп во Белата куќа. Лавров коментира дека со една средба нема да бидат решени сите проблеми, но е позитивно дека има желба за придвижување во таква насока. Тој додаде дека Трамп јасно ја изразил својата заинтересираност од подобрувањето на односите со Русија. Од своја страна, американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша средбата во Овалниот кабинет со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров како “многу, многу добра“. Тој додаде дека бил постигнат напредок во ставањето на крај на конфликтот во Сирија.
“Имавме многу, многу добра средба“, изјави Трамп по средбата и додаде: “Ние ќе ги прекинеме убиствата и смртта (во Сирија)“. Лавров е највисокиот руски претставник со кој американскиот шеф на државата се сретна по заземањето на функцијата. Трамп и Путин ќе се сретнат уште еднаш во јули на средбата на Г-20 во Германија.