6.8 C
Skopje
Tuesday, October 8, 2024

Грчката влада контра грчката црква за името

Дали црквата чекори заедно со Златна зора? Ако не, пак, црквата да ни каже за кое име да преговараме со Скопје. Црквата се меша во дипломатски прашања, а не сака државата да се меша во црковните случаи. Ова се дел од прашањата и дилемите на извори од грчкото МНР, според „Катимерини“, по одлуката на Светиот синод на Грчката православна црква, дека не го прифаќаат ниту терминот Македонија ниту кој било друг изведен збор во името на нашата земја.

„Катимерини“, како што пренесува МИА, во денешното издание, во текстот под наслов „Отворен фронт со црквата за името“, пренесува ставови на Министерството за надворешни работи на Грција. Неколку часа по соопштението од ГПЦ, извори од грчкото МНР, за весникот остро ја коментирале одлуката на црквата, поставувајќи пет теми: 1. Дали раководството на црквата одлучи да чекори заедно со неноацистичката конструкција на Златна Зора? 2. Дали црквата реши отворено да се меша во политиката на земјата? Ги премина границите на нејзините надлежности. Ако не, можеби да ни каже црквата и кое име го сака, за владата за тоа име да преговара со Скопје. 3. Црквата не се ни потруди да ја праша владата за да биде информирана за текот на преговорите. 4. Црквата се меша во државни и дипломатски случаи за сериозни национални прашања од надворешната политика, а во исто време не сака државата да се меша во нејзините свети случаи. 5. Црквата треба да биде особено внимателна и да се фокусира на националниот интерес, а не на личните интереси на архиереите.

Овие ставови на изворите од грчкото МНР за „Катимерини“, ги коментирал член на Светиот синод на грчката православна црква, кој рекол дека црквата не се меша во политиката, но има право да го изрази своето мислење, „слушајќи ги агониите на грчкиот народ“.

„Бидејќи прашањето, освен национално и политичко, е и црковно, Министерството за надворешни работи нека ги испрати неговите прашања до главната православна црква, до Вселенската патријаршија во Истанбул, која најдобро од сите ги знае прашањата што се однесуваат на расколничката црква на Скопје, која самата се нарекува „македонска“, коментирал за „Катимерини“, член на Светиот синод на ГПЦ.

Претходно Светиот синод на Грчката православна црква по дводневната седница, го повтори ставот дека не прифаќа терминот Македонија или каков било друг изведен збор да биде вклучен во името и испратил допис до грчкиот премиер Ципрас за да ги изрази ставовите на црквата.

поврзани објави

Последни објави