Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак. Како што соопштија од партијата, на средбата се разговарало за односите на Република Македонија со Руската Федерација, како и за актуелната политичка и економска состојба во Македонија.
„Мицкоски во разговорот го информира својот соговорник за реваншизмот што власта го спроведува кон опозицијата, односно дека неоправдано во притвор од страна на актуелната власт се држат 6 пратеници од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што претставува 12 отсто од самата коалиција или 5 отсто од вкупниот број пратеници“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Како што се вели во соопштението, Мицкоски нагласил дека и покрај забелешките што ги имал народниот правобранител за начинот на притворање и целата процедура со која се спроведувале народните избраници до судот, досега нема никаква одговорност од страна на актуелната власт.
Мицкоски со амбасадорот на Руската Федерација разговарал и за економските проблеми со кои се соочува Македонија по доаѓањето на новата власт, односно, како што се вели во соопштението, за економските показатели што се во надолен тренд изминативе неколку месеци.