11.8 C
Skopje
Wednesday, October 9, 2024

И Ципрас чувствува дека можеби денес ќе се реши се: Сакам да му посакам среќа на Заев

Одблизу и со интерес ги следиме случувањата во соседната земја, денес е критичен ден за Договорот од Преспа, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас на прес конференцијата во Брисел по завршување на активностите во рамките на Самитот на ЕУ и му посака успех на неговиот македонски колега.

-Денес е критичен ден за Договорот од Преспа, бидејќи го имаме првото гласање за почеток на процесот на реформи во соседната земја. Тесно и со интерес ги следиме случувањата. Сакам уште еднаш да повторам дека перспективата за отворање на процесот за уставна ревизија, што го менува уставното име е единствениот пат за нашите соседи, ако сакаат да се интегрираат во Европската унија или НАТО. Сакам да му посакам добар успех на Зоран Заев, рече грчкиот премиер.

Како што јави МИА од Атина, Алексис Ципрас објасни дека ќе ја задржи одговорноста на грчкото МНР сѐ до успешното завршување на Договорот од Преспа.

-Симболиката и суштината на моето присуство во Министерството за надворешни работи и преземањето одговорност, лично, е за да се гарантира дека ќе имаме успешно завршување и ратификација од грчкиот Парламент на Договорот од Преспа, истакна грчкиот премиер на прес конференцијата.

Рече дека владата, но и тој лично како облог имаат две големи достигнувања: излез од кризата и Договорот од Преспа, за кои изрази одлучност дека ќе ги истурка до крај.

-Овде сум, решен сум да ги заштитам со сите мои сили и двете достигнувања. А не да го жртвувам едното поради другото, било кое од двете. Особено кога во конкретниот случај ја имаме посебноста, заштитата на едното да биде предуслов да преживее и да се заштити другото. Нема да сторам ништо друго, освен да ја изразам мојата решеност, мојата влада да продолжи и кон успешен и конечен излез од кризата, задржувајќи ја политичката стабилност во следниот период и кон успешно завршување и ратификација од парламентот на Договорот од Преспа, истакна грчкиот премиер.

Прашан за оставката на шефот на грчката дипломатија, Ципрас рече дека не го прочитал дописот, кој според самиот Коѕијас е на девет страници, и истакна дека нема навика да ги објавува во јавност строго доверливи дописи, па затоа нема ни сега да го стори тоа. Утре пак, во рамките на примо – предавањето на функцијата, грчкиот премиер ќе се сретне со, сега веќе, поранешниот министер за надворешни работи.

-Вчера бев известен за еден допис кој е во мојата канцеларија, во коверт со знак строго лично. Внимателно ќе го прочитам. Утре ќе се сретнам со Никос Коѕијас. Сепак не е вообичаено за мене да објавувам писма што до мене се упатени како комплетно лични. И ниту сега нема да го сторам тоа. Би сакал да ви кажам дека за мене ова прашање е завршено и нема да го продолжам, рече Ципрас и уште еднаш му се заблагодари на досегашниот министер за надворешни работи, за кој рече дека не беше само министер и негов соработник, „туку и отворена книга за прашањата во надворешната политика“.

-Она што ме прави да сум среќен е дека уште ќе има можност да се консултирам со оваа книга за стратешки и клучни прашања поврзани со надворешната политика, кои сега се наоѓаат исклучиво во мои раце, додаде Ципрас.

Во однос на различните гласови во внатрешноста на владата, грчкиот премер објасни дека на никој не може да му се забрани да има различно мислење особено кога коалицијата ја сочинуваат две различни партии, но потенцираше дека е сосема друго кога станува збор за националната линија одредена од министрите.

-Сакам да бидам јасен во однос на ова. Отсега, па натаму, секој што ја претставува земјата во странство, ќе биде таму со капата на националната линија. Во внатрешноста, секако, јавниот дијалог е елемент на демократијата и целосно се почитува, порача Ципрас.

поврзани објави

Последни објави