13.8 C
Skopje
Friday, October 25, 2024

Александрова со прво интервју откако гласаше „за“ уставни промени – тешко и е што е исклучена

Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Берово, вечерва ја исклучи пратеничката Емилија Александрова од партијата, затоа што на вчерашната седница на Собранието, таа беше еден од 8-те пратеници на опозицијата кои гласаа за отпочнување на уставни измени.

Затоа што исклучувањето беше очекувано, по синоќешната најава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Лидер стапи во контакт со пратеничката која ја прашавме зошто одлучила да гласа „За“ и побаравме коментар за нејзиното исклучување од партијата и наводите за наводни закани, поткупи и притисоци кон пратениците.

Александрова ни ги прати одговорите попладнево, а нив, ви ги пренесуваме во целост:

-Најпрвин сакам да потенцирам дека синоќа во Собранието на Република Македонија се донесе одлука за отпочнување на постапка за амандманска расправа за измени на Уставот. А за тоа како ќе биде крајното двотретинско гласање, сепак ќе зависи од власта, односно колку е таа спремна за прифаќање на условите кои се наведени во синоќешното соопштение до јавноста.

Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е правиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови. – ни одговори Александрова.

Александрова вели дека и е тешко што е исклучена од ВМРО-ДПМНЕ, но не се лути.

-Што се однесува на одлуката на партијата да не исклучи, лично ја доживеав многу тешко. Да се биде ВМРО-ДПМНЕ е вистинска чест и мене никогаш тоа чувство на припадност неможат да ми го одземат. Искрено жалам за нивната одлука кон нас, но не им се лутам. Верувам дека разумот на крај ќе преовладува кај сите, затоа што на крајот сите имаме заедничка цел. – изјави за Лидер, пратеничката која вечерва беше исклучена од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на тврдењата за притисоци кон пратениците и уцените за гласање како и поткупување, Александрова вели дека се работи за шпекулации.

-Се оградувам од секакви шпекулации, најмногу тоа ни треба во моментов. Сега не чека макотрпна работа во Собранието и ги повикувам сите колеги од ВМРО-ДПМНЕ да ни се придружат, зошто верувам дека ќе донесеме суштински амандмани што е и наша цел. – вели Александрова.

Целото интеврју прочитајте го на интернет порталот ЛИДЕР.

поврзани објави

Последни објави